Првите електрични пловила на светот ќе запловат од европските пристаништа, по холандските и белгиските водни патишта, и значително ќе ја намалат емисијата на штетни гасови и загадувањето на животната средина. Овие пловила, наменети за транспорт на товарни контејнери, ќе запловат наесен од Антверпен, Амстердам и Ротердам.

Бродовите се креирани без тешкотии да минуваат под мостови, а дизајнирани се да бидат целосно функционални и без екипаж, но во прво време со нив ќе се управува рачно поради новата инфраструктура што е изградена околу најфреквентните водни патишта во Европа.

Пет баржи (бродови за транспорт на стока) со должина од 52 метри, кои можат да пренесат 425 тони товар, ќе бидат подготвени во август, а како последица на тоа се очекува 23.000 камиони да бидат отстранети од патиштата и заменети со овој нов транспорт со нула емисија на штетни гасови во воздухот.

Шест поголеми баржи, со должина од 110 метри, кои подоцна ќе бидат ставени во функција, ќе бидат придвижувани од четири батерии што ќе им овозможат 35 часа автономна пловидба. Со нивната употреба емисијата на јаглероден диоксид ќе биде намалена за 18.000 тони на годишно ниво.

Извор: Факултети.мк