Во недела на 25 февруари, Samsung во Барселона ќе ги претстави новите модели на својот флегшип смартфон, Galaxy S9 и S9 Plus.

Вештачката интелигенција, дигиталните гласовни асистенти, виртуелната и проширена реалност и презентација на новите уреди на најголемите светски технолошки компании ќе го обележат годинашното издание на Светскиот конгрес за мобилна технологија (Mobile World Congress), што од 26 февруари до 1 март ќе се одржи во Барселона.

На конгресот, на кој ќе има и претставник од „USB.mk“, посетителите ќе имаат можност да ги видат најновите достигнувања во областа на технологијата, којашто има големо влијание врз глобалниот општествен и економски развој. Најавени се штандови на повеќе од 2.300 учесници меѓу кои ќе бидат производители, интернет бизниси, медиуми, маркетинг компании, иноватори, мултимедијални креативци.

Со свои изложбени простори ќе се претстават гигантите Samsung, Sony, LG, Huawei, Acer, Amazon и Google и уште голем број битни играчи чија дејност е тесно поврзана со мобилната технологија, апликациите и електронските услуги.

Посебно внимание се очекува да привлечат штандовите на кои ќе се презентираат уредите за проекции на виртуелна и на проширена реалност. Според најавите, пак, големи се очекувањата и од Samsung и Amazon кои треба да ги претстават новитетите на своите дигитални гласовни асистенти Bixby и Alexa.

Како и секоја година, се бара место повеќе и на бројните презентации и предавања што со набиена агенда ќе се одржуваат за време на Конгресот. Како клучни предавачи се најавени првите луѓе на највлијателните компании и организации во светот.

Џеф Цукер, првиот човек на „CNN International“, Тимотеус Хотгес, CEO на „Дојче Телеком“, Shang Bing, првиот човек на „Чајна Мобајл“, Börje Ekholm од „Ериксон“, Зак Браун од „McLaren Technology Group“, Cher Wang од кинескиот гигант HTC, ќе бидат само дел од клучните говорници што ќе споделат свои знаења и искуства на бројните конференциски сесии.

Свое кусо предавање ќе има и ѕвездата од „Формула еден”, пилотот Фернандо Алонсо, возач на „Мекларен“.

На првиот ден од Конгресот ќе се одржи дискусија на тема „Creating Better Content & Media“, на која како клучни предавачи ќе настапат Џереми Фокс од „Atrium TV“, Гејвин Патерсон од „BT Group“, Џеф Цукер од „CNN Worldwide“ и Cher Wang од HTC.

Како увертира на сите овие настани, пак, ќе биде јужнокорејскиот гигант за мобилна технологија Samsung. Во недела, на 25 февруари, во Барселона компанијата првпат пред светот ќе го претстави новиот мобилен телефон, моделот „Galaxy S9“.

Очекувањата се дека уредот ќе донесе голем број новитети во полето на креирањето видео и аудио содржини, како и во полето на вештачката интелигенција. Целиот настан ќе може да се следи во живо на следниот линк.

За сите настани на најзначајниот светски настан од областа на мобилната технологија и иновациите, од лице место во Барселона очекувајте извештаи и текстови на „USB.mk“.