Во САД секој ден умираат 115 луѓе од предозираност со разни дроги и лекови. Кон епидемијата на смртни случаи од предозирање придонесува и фактот дека лекарите лесно препишуваат лекови против болки. Многу луѓе легално ги земаат и брзо стануваат зависни од нив.

Кога веќе предолго ги земаат и не можат легално да дојдат до нив, пациентите се обидуваат на нелегален начин да добијат лекови против болки и лекови за смирување. Во обид да најдат лекови или замена за нив, некои преминуваат на тешки дроги како хероин.

Зависноста од дрога е многу тешко да се излечи. Поради тоа, научниците се обидуваат да најдат нови, сосема поинакви лекови за лечење на зависноста.

Тим научници од Истражувачкиот институт Скрипс во Калифорнија неодамна објавија труд за начинот на делување на потенцијална вакцина против зависност од хероин. Оваа идеја не е нова, а основниот концепт настана уште во 70-тите години на минатиот век.

Како и секоја имунизација, и оваа би требало да создаде антитела што се врзуваат со хероинот во крвта. На тој начин ќе се спречи дрогата да ја премине „бариерата крв-мозок“, а тоа е токму она што кај зависниците го создава чувството поради кое земаат наркотици. Според оваа теорија, корисникот веќе нема да го чувствува ефектот на дрогата, па се претпоставува дека е многу поверојатно дека нема да продолжи да ја зема, објаснуваат научниците.

И други тимови научници работат на слични вакцини за лечење зависници од кокаин, како и за потенцијално лечење на зависност од никотин. Кај зависноста од лекови за болки, хероин, кокаин, фентанил, никотин и алкохол постои голема потреба за нови, иновативни начини за лечење на зависниците на други начини.

Поради големиот број на луѓе кои секоја година умираат од предозирање или од недостиг на опции за лекување, јасно е дека постои потреба за драстична интервенција.

Извор: B92.net