Недостигот на графички картички на пазарот за компјутерска опрема, како и нивното поскапување предизвикано од зголемениот интерес за „копање“ на криптовалути не ги погодува само гејмерите.

Научниците и истражувачите коишто се занимаваат со следење и слушање  сигнали од вселената исто така не можат да дојдат до неопходниот хардвер, кој поради глобалното лудило за „копање“ криптовалути стана понедостапен. Научниците од организацијата СЕТИ (Потрага по вонземен живот) истакнуваат дека не може да најдат графички чипови кои се клучни за нивната работа.

„Би сакале да ги користиме најновите графички процесори, но не можеме да ги набавиме. Тоа ја загрозува нашата потрага по вонземен живот. Тоа е потполно нов проблем, кој се случува само со нарачките направени во последните неколку месеци“, изјави шефот на истражувањето на СЕТИ, Ден Вертхајмер.

Истражувачите на СЕТИ графичките картички ги користат за симултано скенирање, што овозможува поголем број  комуникациски фреквенции, а само нивниот центар во Беркли располага со 100 силни ГПУ процесори. „Ние имаме средства, ги контактиравме продавачите и дистрибутерите, но одговорот е дека тие немаат графички картички на располагање“, истакнува Вертхајмер.