Најголемите проблеми за испраќање луѓе на Марс: Ракета, радијација и депресија

Постојат три основни проблеми кои што засега го спречуваат испраќањето на човек на Марс – недостаток на квалитетна ракета, радијацијата во вселената, но и депресијата.

Според експертите, испраќањето на човечки екипаж на Марс би чинело премногу, односно со денешната технологија која што секако мора да обезбеди и враќање од Црвената планета, целиот проект би чинел од 100 до 500 милијарди долари.

Единствениот начин за намалување на трошоците е производство на ракета која што може повеќекратно да биде користена. Досега е демонстрирано полетување и слетување на ракетата Falcon 9 на SpaceX, а оваа година се планира да биде изведен пробен лет на ракетата Falcon Heavy.

Покрај тоа, голем проблем е тоа што патувањето на Марс би било многу досадно. Долгиот период без стимулација, како и „зуењето“ во вселената би можело лесно да предизвика депресија. Летот до Марс трае осум месеци, а на секои 15 години кога Земјата и Марс се најблиску, летот се намалува на шест месеци.

Во рамките на проектот HI-SEAS на Хаваи, група на „астронаути“ биле сместени во изолација на осум месеци. Целта е да се симулираат условите на живот на Марс за подобро да се разберат психолошките ефекти. Досега е докажано дека работата е еден од најдобрите начини за спречување на досадата.

Третиот проблем е радијацијата. Опасното вселенско и соларно зрачење може да доведе до проблеми со видот, деменција и карцином. Патот до Марс секој астронаут ќе го изложи на количина на радијација за 15 пати поголема од годишниот дозволен лимит за вработените во нуклеарна електрана.

Постојат разни штитови за борба против радијацијата, но радиоактивните зраци можат да се пробијат. Тие штитови исто така ја зголемуваат масата, што влијае на потрошувачката на гориво и со самото тоа зголемување на трошоците на секоја мисија.

Сепак, во текот на следните 10 години приоритет ќе биде истражувањето. Податоците на Меѓународната вселенска станица, научната лабораторија за Марс и „Војаџер 1“ веќе помагаат во создавањето на една подетална слика за вселенските временски прилики.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

6 − 1 =