Германскиот произведувач, на женевскиот авто-салон ќе ја претстави продукциската верзија на минатогодишниот концепт AMG GT.

Новиот модел за кој моментално се користи неофицијалната ознака GT4, се очекува уште од саемот во Женева во 2017 година, на кој беше прикажана неговата концептна верзија.

Визуелно, минатогодишниот концепт во себе комбинира силуета на купе лимузина со преден дел кој потсетува на суперспортскиот двосед AMG GT R.

Слично е и со задниот дел на возилото и ултратенките стоп светла. Покрај масивниот дифузер, на задниот дел од каросеријата доминира голема, централно поставена трапезоидна цевка на издувниот систем, која му дава дополнителен спортски карактер на автомобилот.

Кога станува збор за моторизацијата на Mercedes AMG GT4, овој модел би требало да добие 4.0 V8 агрегат, а познато е дека истиот мотор во Mercedes E63 развива 571 коњски сили и 750 Nm вртежен момент, односно 612 коњски сили и 850 Nm вртежен момент во помоќниот E63 S.

Mercedes со најавата на премиерата на моделот соопшти дека овој автомобил моментално се тестира на разни патишта ширум светот, под различни временски и климатски услови, а објави и неколку “тизер” фотографии на едно од маскираните претпродукциски тест возила.

Извор: B92.net