Никако да не се испуштаат корисниците и да се задржат што подолго на платформата, е главната девиза на популарните социјални мрежи. За да ја оствари таа цел, Instagram на корисниците почна да им нуди можност да купуваат онлајн, директно преку платформата, додека се приклучени на оваа социјална мрежа.

Се работи за т.н. „Collection ads“, со коишто на брендовите им се нудат рекламни позиции во „тајмлајнот“ на корисниците. Самата апликација ќе им овозможи на корисниците да ги истражат продуктите што се нудат на продажба и преку Instagram да направат директно купување.

Instagram овие опции ги нарекува „collection campaigns“ и првично беа тестирани на платформата на Facebook, во чијашто сопственост е оваа популарна мрежа за споделување видеа и фотографии.

Развојот на можностите за е-трговија е еден од главните адути на Instagram, преку кој самата социјална мрежа би се финансирала во иднина. Воедно, ова е потег со кој му се дава нов удар на конкурентот Snapchat, којшто неодамна промовираше опција „store“ на својата платформа.

Притоа, главната идеја е ова онлајн-тргување да се одвива во рамките на самата апликација, да не мора корисникот да излегува од апликацијата за да ја погледне понудата што ја дава некој бренд.

Меѓу првите брендови што ја прифатиле оваа можност за пласирање на своите продукти се „Birchbox“ и „Revolve“ од областа на козметичката индустрија. Според истражувањата од компанијата, околу 200 милиони корисници следат „акаунти“ што се поврзани со мода и козметика.

Во меѓувреме, Instagram стана битен дел од механизмот за заработка на Facebook. Минатата недела беше објавено дека во САД се намалила бројката на корисници на Facebook, но и времето што воопшто луѓето го поминуваат на социјалната мрежа.