Студентка од Вашингтон најде нов начин да го спречи сексуалното насилство врз млади жени и мажи кои, покрај бројните предупредувања, не внимаваат на своите пијачки во клуб каде им стават дрога и на тој начин стануваат жртви.

Под дејство на наркотиците, младите луѓе во тој случај често стануваат жртви на силување и други видови насилство.

Салфетата KnoNap изгледа како сите други салфети, но нејзината креаторка Дања Шерман вели дека оваа салфета „знае“ кога сте во опасност. Овој изум го направила откако на нејзина пријателка ѝ била подметната дрога во пијачката и била злоставена.

Нејзината салфета распознава 20 од 40-те најчести „дроги за силување“.

„Салфетата изгледа како и секоја друга. Единствената разлика е во тоа што кога ќе капнете макар и една капка од пијачката, ја менува бојата ако има дрога во неа. Тогаш ќе знаете дека некој ви подметнал дрога во пијачката“, објаснува Шерман.

Засега нејзиниот изум го финансира факултетот, но напролет таа планира да почне Кикстартер кампања за да почне со поголемо и пошироко производство и пласман на салфетата против силување.