Компанијата SpaceX на Елон Маск ја лансираше втората годинашна ракета Falcon 9 од Флорида, но овој пат беше одлучено наместо деловите да се спуштаат со мотор, тие да паднат во океанот.

Falcon 9 ракетата успеа да го „преживее“ падот во Атлантскиот океан. Сега, од SpaceX ќе се обидат да ја извлечат ракетата која што плови на површината на океанот, а оваа информација ја потврди и првиот човек на компанијата, Елон Маск.

Задачата на ракетата Falcon 9 беше да достави тежок сателит во високата орбита, а таа мисија ракетата на SpaceX ја изврши за владата на Луксембург. Во мисиите од овој тип, SpaceX се обидува да ја спушти ракетата на еден од своите бродови во океанот, но овој пат од компанијата соопштија дека нема да се обидуваат да ја спасат ракетата, иако претходно успешно слета.

Причината за тоа не беше откриена, но се шпекулира дека всушност станува збор за постара верзија на ракета, а покрај тоа, споменатиот брод бил наменет за ракетата Falcon Heavy која ќе биде лансирана оваа седмица од Калифорнија.

Иако не беше планирано Falcon 9 да слета на брод, сепак ги помина сите фази на слетување, а моторите биле вклучени три пати за ракетата полесно да се спушти на Земјата. Маск откри дека била тестирана нова метода на слетување и компанијата не сакала да ризикува оштетување на бродот.

После ова, се чини дека во SpaceX не очекувале дека ракетата ќе преживее, па сега е јасно дека тие сакаат да ја довлечат до брегот.

Засега не е познато во каква состојба е паднатата ракета и не е познато дали оваа ракета некогаш повторно ќе биде лансирана.

Извор: Точка