Експерти од Италија, Британија и Египет почнале „пресудна“ потрага по возможни тајни одаи во гробницата на фараонот Тутанкамон во Луксор.

Научниците со помош на геофизички радари ќе се обидат да утврдат дали постојат празни простории или скриени премини зад гробницата на фараонот Тутанкамон.

Британскиот египтолог Николас Ривс изјави дека деталните прегледи на фотографии и скенирање, укажуваат на тоа дека во северниот ѕид од погребната просторија се крие таен премин, кој води до друга просторија.

Ривс смета дека во тајната просторија би можел да се наоѓа гробот на кралицата Нефертити – сопругата на таткото на Тутанкамон. Научниците се уште не се сигурни ниту дали Нефертити е вистинската мајка на Тутанкамон, или неговиот татко бил во врска со некоја друга жена.

Научниците од Универзитетот во Торино после повеќе од една година добиле зелено светло од египетските власти за спроведување на „одлучувачки георадарски мерења“, во внатрешноста на гробницата.

Мерењата би требало да траат до 6 февруари, изјави Франко Порчели, лидер на тимот на научници, кој собрал британски и египетски експерти. Со таа метода, како што тврди Порчели, возможно е да се утврди постоењето на тајни простории со сигурност од 99 проценти.

Гробницата на Тутанкамон во 1922 година ја откри англискиот археолог Хуард Картер во Луксор. Таа е најзачуваната фараонска гробница, и за разлика од останатите гробници кои со векови биле системски ограбувани, оваа е речиси недопрена.

Во неа биле пронајдени повеќе од 2.000 предмети и на археолозите им биле потребни девет години да ги каталогизираат сите.

Извор: B92.net