Google минатата година ја претстави својата мала камера наречена Clips која што користи вештачка интелигенција со цел да го сними тоа што ќе процени дека е интересно, а продажбата на камерата започна сега.

Досега немаше многу детали во врска со камерата, освен најинтересната функција по која што се разликува од останатите камери на пазарот – сама да прави фотографии и видео снимки.

Сега е веќе познато дека камерата чини 249 долари, а од Google најмногу ја препорачуваат на родителите кои што сакаат да ги снимаат и фотографираат своите деца.

Според Google, камерата Clips секогаш знае кога е вистинскиот момент за фотографирање, а најидеално е да биде поставена на место од каде што ќе има најголем преглед на собата или на некој друг простор.

На пример, ако одлучите да ја сместите камерата Clips на маса насочена кон вашата дневна соба, таа со помош на вештачката интелигенција ќе процени кога е најинтересниот момент за да направи некоја фотка или пак да сними видео запис од седум секунди. Камерата може да препознава лица, расположенија и слични работи со кои што ја прави проценката за фотографирање или снимање.

Сите видеоснимки и фотографии кои што ќе ги направи новата камера на Google ќе бидат складирани во самата камера, а до нив ќе можете да пристапите преку посебна апликација.

Извор: Klix.ba