Чувствителни информации за локации на воени бази и шпионски позиции ширум светот биле откриени поради фитнес-апликацијата на компанијата Strava, пишува весникот „Гардијан“.

Имено, Strava на интернет објави мапа која ги покажува активностите на корисниците на апликацијата, што се користи за следење и снимање на физичките активности и вежбите, како и за споделување на овие информации со други корисници.

Мапата била објавена во ноември 2017 година и ги покажува патеките кои корисниците ги минуваат за време на нивните тренинзи со трчање или возење велосипед. Меѓутоа, во текот на овој викенд австралискиот аналитичар Нејтан Русер предупреди на можните импликации за воените лица: „Картата изгледа многу убаво, но не е премногу добра за безбедноста. Имено, амариканските воени бази се многу лесно воочливи“, напиша тој на „Твитер“.

„Ако војниците ја користат апликацијата како и сите други и го вклучат сателитскoто следење во текот на вежбањето, тоа може да биде многу опасно“, додаде Русер. Имено, корисниците на апликацијата во Авганистан, Џибути и Сирија речиси без исклучок се странски воени лица, што значи дека нивната положба на мапата е лесно воочлива.

Така на пример, на картата јасно се гледаат базите во авганистанската провинција Хелманд. Со зумирањето на локацијата на една од најголемите бази јасно може да се видат нацрти од нејзината внатрешност, односно патеките кои многу војници ги користат за трчање и вежбање. Базата не е видлива на сателитските прикази на сервисите како што е „Гугл мапс“, но јасно може да се види на интернет-страницата на Strava.

По овие наоди прва реагираше австралиската армија, која одлучи да го разгледа можното влијание од користењето на апликацијата врз безбедноста, а безбедносните сили ширум светот исто така размислуваат за забрана за користење на оваа и слични апликации со цел да се спречат негативните последици.