Компанијата Volvo планира да започне со продажба на електрични товарни возила во Европа веќе следната година, а во 2020 година, камионите на струја од овој произведувач ќе се појават и на северноамериканскиот пазар.

Шведскиот произведувач на камиони смета дека со воведување на тoварните возила со погон на струја, значајно ќе го подигне квалитетот на животот во урбаните средини, бидејќи ќе се намали бучавата и загадувањето на воздух кое го предизвикуваат денешните камиони со погон на фосилни горива.

Иако најавата за воведување на електрични камиони пристигнува по премиерата на камионот на Tesla, Швеѓаните веројатно ќе го престигнат американскиот произведувач и први ќе започнат со производство на ваков тип на товарни возила.

Претседателот на компанијата, Клас Нилсон, вели дека камионите на струја ќе донесат бројни предности во однос на сегашните кои за погон користат дизел мотори.

“Употребата на електричен погон ќе им овозможи на камионите да бидат потивки и да не го загадуваат воздухот, што ќе придонесе тие да можат да се користат и во центарот на градовите, каде конвенционалните камиони-шлепери најчесто имаат забранет пристап”, објаснува Нилсон.

“Исто така, овие транспортни средства ќе можат да се користат во периоди од денот кога нема сообраќаен метеж – на пример, доцна навечер или во текот на ноќта”, вели тој.