Научниците кои долго време се обидуваат да најдат живот надвор од нашата планета сега најдоа нова техника која може да пронајде живи суштества некаде низ вселената.

Вселенските агенции, вклучувајќи ја и НАСА, веќе се вклучија во инкорпорирање на нови начини и технологии со кои ќе си го олеснат истражувањето на вселената.

Најновата техника која ќе им помогне на научниците подетално да ги проучуваат планетите е James Webb телескопот, кој ќе понуди многу повеќе информации за атмосферската обвивка на далечните планети. Иако научниците засега не се сигурни како ќе ги користат овие информации, сепак сметаат дека постигнале голем напредок во полето на вселенското истражување.

Досега научниците бараа кислород и траги од него на планетите кои ги истражуваа, сметајќи дека така ќе најдат живот на некоја од планетите, со оглед на тоа дека кислородот е клучен за живот на Земјата.

Поради тоа се занемаруваа останатите важни фактори, познати како био-потписи, кои можат да индицираат дека на одредена планета може да постои живот. Ваквите планети досега беа незабележливи за научниците, кои намерно бираа да не ги истражуваат само поради тоа што не наоѓаа траги од кислород на нив.

„Отсекогаш сметавме дека кислородот е клучен за постоење на жив свет. Но, не сакаме да се фокусираме само на она што го знаеме, па затоа отсега ќе бараме било какви био-потписи со кои можеби ќе налетаме на живот“, рече Џошуа Крисансен-Тотон.

За да дојдат до оваа идеја, истражувачите и научниците го проучуваа животот на Земјата низ целото нејзино постоење, и забележаа какви гасови и елементи се ширеле во нејзината атмосфера низ вековите.