Од пријавата на Tesla на деловни податоци во Комисијата за хартии од вредност може да се видат интересни податоци за платата што ќе ја прима, односно што нема да ја добива во наредните години основачот на компанијата, Елон Маск.

Во соопштението на Tesla стои дека Маск нема да биде платен доколку компанијата не ги оствари амбициозните финансиски цели поставени за следната деценија, со крајна цел компанијата после десет години да има вредност од 650 милијарди долари, пренесува CNN.

Тој се согласи цели 10 години да работи на деловен раст на компанијата без плата, а неговите бонуси ќе зависат само од резултатите од работата. Доколку компанијата за 10 години успее за 10 пати да ја зголеми својата сегашна вредност, Маск ќе го добие најголемиот бонус во историјата на бизнисот – дури 55,8 милијарди долари исплатени во акции на Tesla.

Тој ќе добива дел од акциите секогаш кога Tesla ќе доаѓа до пресвртен момент, прво до вредност од 100 милијарди долари, а потоа на секое дополнително зголемување на вредноста за 50 милијарди долари.