Кинеската компанија Vivo денеска ќе го претстави првиот паметен телефон на пазарот кој под екранот ќе има сензор за отпечатоци на прсти.

Пред неколку месеци се шпекулираше дека новиот iPhone X на Apple ќе пристигне со „револуционерниот“ скенер за отпечатоци на прсти под екранот, меѓутоа, американската компанија сепак се одлучи за скенирање на лицето, односно технологијата Face ID.

Се шпекулираше дека и Самсунг ќе го стори истото на најавеното претставување на новиот Galaxy S9 идниот месец, меѓутоа и јужнокорејската компанија ќе го одложи тоа, барем засега, па сензорот повторно ќе се најде на задната страна од телефонот.

Благодарение на ваквите одлуки на двата најголеми производители на паметни телефони во светот, кинеската компанија Vivo ќе стане првата компанија која што на пазарот на паметни телефони го пласирала првиот телефон со скенер за отпечатоци на прсти сместен на предната страна под самиот екран.

Технологијата била развиена во соработка со Qualcomm, а Vivo на овогодинешниот CES саем во Лас Вегас претстави функционален прототип кој што беше базиран на технологијата на Synaptics.

Денеска Vivo ќе го претстави првиот таков сериски телефон, а станува збор за нова верзија на Vivo X20 Plus кој што се појави на пазарот во септември минатата година. Новиот телефон всушност ќе биде 6,43-инчен фаблет со ОЛЕД екран со резолуција од 2160х1080 пиксели, со две задни камери со 12, односно 5 мегапиксели, процесор Snapdragon 660, 4 GB RAM и 128 GB интерна меморија.

Овој паметен телефон најпрвин ќе биде пласиран на кинескиот пазар каде што ќе се продава по цена од 624 долари. Vivo X20 Plus секако дека нема да биде најпопуларниот телефон, но технологијата која што ќе ја донесе на пазарот дефинитивно ќе биде добар „тест“, па доколку се покаже успешно, голема е веројатноста истата технологија да биде вградена и кај премиум телефоните на Samsung и Apple.

Извор: Klix.ba