Геолози откриле 280 милиони години стари фосили од дрва за кои се претпоставува дека би можеле да бидат доказ за најстарите поларни шуми на Антарктикот. До откритието дошле научниците Ерик Гулбрансон и Џон Исбел од Универзитетот во Висконсин, кои ја истражувале Трансантарктичката шума во текот на летото на овој континент, односно во периодот помеѓу ноември и јануари.

Инаку, претходно биле откриени фосилни остатоци од 13 стебла за кои се проценува дека се стари 260 милиони години, што значи дека на тој дел од планетата долг период растеле шуми, пред диносаурусите. Професорот Гулбрансон рекол дека за фосилите на шумите на Антарктикот се знаело уште на почетокот на 20 век, но дека поголемиот дел од тој предел останал неистражен.

Antarctica fossils research

Антарктикот тогаш бил потопол

Поларната шума растела на височини на кои не можат да растат денешните растенија, а Гулбрансон верува дека шумите биле составени од исклучиво издржливи растителни видови. Во следниот истражувачки чекор ќе се обидат да откријат зошто исчезнале. „Денес не постојат такви видови. Изгледа дека стеблата што растеа тука своите циклуси на раст можеле да ги вклучуваат и да ги исклучуваат како прекинувач за осветлување“, изјавил професорот. Имено, видовите што растеле таму можеле да преживеат речиси половина година во целосен мрак, а потоа речиси пет месеци под постојана светлина.

Тогаш Антарктикот бил значително потопол отколку денес, и бил дел од Гондвејн, суперконтинент во јужната хемисфера кој ги инкорпорирал териториите на денешни Африка, Јужна Америка, Арабија, Индија и Австралија. Се претпоставува дека поголемиот дел од тој суперконтинент бил покриен со мов и папрат.

Во интервју за Си-ен-ен професорот Гулбрансон рекол дека најголем предизвик му било датирањето на фосилите. Откритието сугерира дека би можеле да бидат стари до 280 милиони години, но маргината на грешка во таквите процени е 20 милиони години. Натамошни истражувања ќе се занимаваат со промените во поларните екосистеми за време на масовното изумирање на крајот на Пермот, пред 250 милиони години.

Разбирање на климатските промени

Иако научниците сè уште не знаат службено зошто дошло до тоа масовно изумирање, се верува дека во тој период исчезнале голем број видови (а тогаш настанала и антарктичката поларна шума) поради зголемени температури на земјата и ацидификацијата на океаните, до кои дошло поради растот на нивото на јаглеродниот диоксид во атмосферата.

„Оваа шума е прозорец во времето пред изумирањето кој може да ни помогне подобро да ги разбереме неговите причинители. Освен тоа, би можеле да добиеме увид во тоа зошто растенијата биле поинакви одошто денес“, рекол Гулбрансон. Додал дека верува дека натамошните истражувања би можеле да им помогнат на научниците да ги разберат актуелните климатски промени и нивното влијание врз растителниот свет.

Извор: CNN