Утврдено е дека до 2021 година луѓето ќе користат околу половина билион пластични шишиња на годишно ниво. Производството и користењето на еднократна пластика е надвор од контрола, со над 8 милиони тони пластика што се исфрлаат во океаните секоја година.

Проблемот е сè поголем и претставува закана за екосистемите на Земјата бидејќи им наштетува на дивиот свет и природните живеалишта. Владите и компаниите низ светот, сепак, се вклучуваат во иницијативи за решавање на овој проблем. Европската Унија неодамна лансира иницијатива преку која ќе се осигури дека сите пластични производи низ Европа ќе бидат повторно користени или ќе може да се рециклираат до 2030 година. Кина, пак, донесе одлука за забрана за внесување странски рециклирачки материјали. Од ЕУ се обидуваат да пронајдат начини за намалување на отпадот и загадувањето со пластика, воопшто. Брисел воведе стратегија која вклучува 350 милиони евра инвестиција во истражувања во врска со тематиката.

Експертите потенцираат дека за да се произведе пластиката, потребни се 5 секунди, за користење 5 минути, но за да се распадне, потребни се дури 500 години. Иницијативата за намалување на користењето пластика е проширена на глобално ниво. На многу места се воведуваат хартиени кеси како алтернатива, наместо пластичните. Во декември речиси 200 земји потпишаа резолуција од Обединетите нации за елиминирање на загадувањето со пластика во океаните. Експертите предупредуваат дека ако не се преземе ништо во врска со овој проблем, за 50 години во океаните ќе има повеќе пластика отколку риби.

Се смета дека најмногу треба да се работи на ширење на свеста во врска со проблемот, односно луѓето конечно да сфатат за колкав предизвик се работи и да ги дознаат начините на кои можат да дадат свој придонес. Од ЕУ се планира да се воведе и данок за користење еднократна пластика. Сепак, ваквите иницијативи сè уште се во рана фаза, но факт е дека постепено се работи на случајот, што е од големо значење.

Извор: Fakulteti.mk / Futurism.com