Microsoft привремено ги суспендираше надградбите на Windows против баговите „Spectre“ и „Meltdown“ за компјутери со AMD процесори.

Се испостави дека по нивната инсталација, некои од машините станале целосно неупотребливи и воопшто не можеле да го вчитаат оперативниот систем.

Засега, се знае дека проблемот се однесува на постарите AMD чипови од серијата „Athlon“ и „Sempron“.

Според Microsoft, проблемот произлегува од погрешната документација поднесена од AMD, која беше користена за да се состават надградбите.

Во меѓувреме, AMD потврди дека се свесни за проблемот што влијае на некои од неговите постари процесори и веќе работи со Microsoft за да го отстрани, надевајќи се дека ажурирањето ќе биде обновено наскоро.

Ако имате таков компјутер и по ажурирањето тој не функционира, можете да најдете совети на страницата на Microsoft.