Само еден месец откако Tesla ја заврши џиновската батерија во Јужна Австралија почнува нов проект во друга австралиска држава. Државата Викторија побара од компанијата да направи малку помал батериски систем за локалната фарма на ветар. Веста доаѓа откако Елон Маск, извршниот директор на компанијата, изјави дека ќе продолжат да и помагаат на Австралија со проблемите со напојувањето, пренесува Green Matters.

Австралиските медиуми пишуваат дека Tesla ќе гради Powerpack систем од 20 мегават-часови за фарма на ветар со капацитет од 204 магават-часови во идниот центар за зелена енергија Bulgana Green Power Hub. Тоа ќе биде една петтина од капацитетот на Hornsdale Wind Farm.

Бидејќи центарот за зелена енергија и фармата на ветар во државата Викторија допрва ќе се градат, се очекува дека проектот на Tesla ќе биде готов до средината на 2019 година. Фармата за ветар ќе ја гради истата компанија која ја изгради Hornsdale Wind Farm во Јужна Австралија.

Во Јужна Австралија веќе се гледаат бенефитите од батерискиот систем на Елон Маск и имаат стабилна електрична мрежа. Кога требаше да се исклучи една фабрика на јаглен на оддалеченост од околу 1.000 километри поради технички проблеми, батерискиот систем Tesla Powerpack автоматски реагираше за само 0,14 секунди.

Многу места во Австралија се соочуваат со нестабилна електрична мрежа. Јужна Австралија особено има проблеми со нестабилна мрежа и високи цени на струјата од дури 47,13 центи за киловат-час. Уште три други австралиски држави имаат цена на струјата од над 34 центи за киловат-час. За споредба, во САД цената на струјата е просечно 15,75 центи.