Стотина апликации и игри на нашите мобилни телефони нè прислушуваат низ микрофоните, но не за да чујат што сакаме да кажеме. Тие се дизајнирани за да нè слушаат што гледаме.

Ваквите апликации доаѓаат со технологија што препознава звуци, па кога мобилните уреди ни се во џебот или додека игрите работат во заднина, тие слушаат кои филмови и серии ги гледаме, но исто така и кои реклами сме ги виделе. На тој начин огласувачите можат да нè запознаат многу подобро и да ни сервираат реклами преку кои ќе нè натераат нешто да купиме, открива „Њујорк тајмс“.

Апликациите користат софтвер на компанијата „Алфонсо“ што потајно ги следат нашите ТВ-навики преку микрофонот, а станува збор за приближно 1.000 игри и различни социјални апликации. Речиси 250 од нив се достапни за уредите на „Андроид“, а помал број се за „Ајфон“. Некои од нив се Pool 3D, Beer Pong: Trickshot и Real Bowling Strike 10 Pin…

Иако апликациите можат да ја слушаат околината на корисникот, од компанијата тврдат дека не ги снимаат разговорите, а во описите на некои игри стои дека кратки аудиоснимки не го напуштаат уредот, туку се претвораат во дигитални „аудиопотписи“. Се споредуваат со рекламите и содржините од конзолите, сет-топ боксовите и други извори. Штом наиде на совпаѓање, „Алфонсо“ може да ги користи тие информации за да ни сервира поважни огласи на мобилниот телефон. Додаваат и дека софтверот се споредува само со звуците од познатите реклами и не препознава човечки говор и други звуци.

За игрите и апликациите за кои не е потребен микрофон, едноставно можете во поставките да ја ограничите дозволата за користење звук.

Извор: Факултети.мк