LaFerrari е многу редок и скапоцен автомобил. Кога ќе се појави во огласите за продажба, што не е толку често, цената на користениот примерок се движи од неколку, па до десетици милиони долари/евра.

Меѓутоа, овие денови вниманието го привлече еден несекојдневен оглас на сајтот eBay, во кој на продажба се нуди – не автомобилот – туку V12 погонски агрегат од едно LaFerrari. Моторот се продава за дури 335 илјади долари.

За потсетување, Ferrari го опреми својот најскап модел со хибридно погонски систем кој се состои од електромотори со сила од 163 коњски сили и споменатиот 6.3 литарски V12 бензинец со дури 800 коњски сили.

Во овој случај, во понудата е вклучен само V12 агрегат за кој продавачот тврди дека е користен само 20 милји (32 километри), а не е познато што се случило со автомобилот од кој овој мотор потекнува.

Ferrari вкупно изработи 710 примероци од LaFerrari, од кои 500 во купе варијанта, а преостанатите 210 се со отворен кров.

Сите модели се веќе одамна распродадени.