Дигитален маркетинг – Трендови за кои треба да се подготвите следната година

Маркетинг индустрија изминативе години доживува големи промени и трансформации кои најчесто се резултат на динамичниот технолошки развој во дигиталната ера, со што сме сведоци на многу нови платформи и канали за комуницирање, собирање на податоци и аплицирање на нови технологии и алатки за поуспешно поврзување со потрошувачите и останатите чинители во екосистемот важен за секоја компанија. Дигиталниот маркетер е првиот кој се соочува со промените во однесувањето на потрошувачите и е првиот кој е принуден да наоѓа нови решенија за поуспешна интеракција. Издавачите на медиуми истовремено се соочени со предизвикот за привлекување на вниманието на читателите, задржување на својата релевантност и понудата на етички “комерцијални услуги“ за агенциите и огласувачите.

Ова е време на големи промени, а оние кои први ќе ги антиципираат, како и секогаш, први ќе бидат во предност.

Здружението за интерактивно огласување ИАБ Македонија, издвојува неколку топ трендови во дигиталниот маркетинг кои не очекуваат во наредната година и за кои треба да се подготват сите чинители во македонската маркетинг и медиа индустрија.

1. Аквизиции на онлајн медиуми и окрупнување на пазарот.

Крајот на 2017 година го најави а во 2018 година ќе продолжи трендот на групирање на различни видови на веб медиуми во групации што на издавачите ќе им овозможи креирање на интегрирани платформи со кои ќе обезбедат значително поголем досег до публиката, повеќе податоци за сурферскиот свет и поповолни опции за таргетирано огласување.

Соочени со овој предизвик наметнат во годината што измина од 2-3 медиумски групации кои се создадоа на пазарот – и останатите релевантни медиуми ќе мора да го прошируваат своето портфолио со поспецијализирани сајтови (или под-сајтови) кои ќе им донесат нов вид на лојална публика и ќе им дадат нови можности за збогатување на својата комерцијална понуда.

Медиските и креативните агенции ќе го стимулираат ова окрупнување на пазарот бидејќи и тие ќе сакаат да создаваат партнерства кои на едно место ќе им нудат повеќе податоци и повеќе опции за таргетирање.

2. Зголемување на огласувањето преку платформите на големите социјални мрежи.

Според нашите членови медиски агенции, во 2017-та година се достигна врвот (досега) во буџетите кои се издвојуваат за огласување на социјалните мрежи. Во некои агенции, речиси 35%-40% од онлајн буџетите се издвојувале за огласување прку платформите на Фејсбук и Гугл. Предвидуваме дека овај тренд ќе продолжи и во 2018 година во уште поголем обем стимулирано од се поголемото прифаќање на Instant Articles од страна на медиумите и зајакнувањето на позицијата пред се на Фејсбук како главен “агрегатор“ на вести и информации.

Постои голема можност Фејсбук да ја вклучи Македонија во експерименталните земји заедно со Србија каде што сите медиумски постови од њус фид ќе ги префрли во експлор фид и тоа ќе доведе до намалена посетеност на веб страните на кои посетите воглавно им доаѓаат од фејсбук, а тоа би требало да ја покачи директната посетеност на веб страните. Доколку не дојде до ова, директното посетување на веб сајтовите ќе се намалува на сметка на читањето преку социјалните мрежи – а тоа ќе биде следено и со буџетите кои ќе се распределуваат од агенциите за своите тековни кампањи.

3. Контентот ќе доминира и “Комерцијалните текстови“ ќе се продаваат многу поскапо.

Во новата 2018 година очекуваме експлозија на content кампањи. Ако ова беше “тренд за 2016“ во западните земји, кај нас вистинската револуција и трансформација ќе се случи токму годинава кога огласувачите и комуникациските агенции ќе почнат да издвојуваат далеку поголеми буџети за адверторијали и content маркетинг. Согласно истото ќе се продлабочи и интензивира врската огласувач-агенција-медиум заради максимизирање на потенцијалот на онлајн медиумите и координирано осмислување на интегрирани content кампањи. Овој пораст на комерцијална содржина ќе доведе и до драстично покачување на цената за објавување на “комерцијални текстови“ на веб порталите.

4. Медиумите ќе вработуваат ПР специјалисти

И ПР и дигитал маркетинг специјалисти. Ако на запад сме сведоци дека медиумските групации веќе години наназад имаат оддели со солидна бројка вработени кои се посветени на секторот “контент маркетинг“, кај нас сеуше тоа не е случај. Но еве, како продолжение на претходно споменатиот Тренд #3, очекуваме дека и македонските веб медиуми годинава што доаѓа ќе почнат пополека своите тимови да ги прошируваат со специјалисти за дигитален маркетинг и комуникации кои ќе бидат задолжени за изноѓање на најефикасните огласувачки предлози за директните и индиректните (преку агенции) клиенти и ќе креираат нови огласувачки продукти.

5. “Видео во живо“

Се повеќе и повеќе комуникациски и контент стратегисти ги користат видеата како начин за бренд маркетинг и интеракција со фановите. Ова ќе придонесе кон зголемена употреба на алатките како FB Live video, FB&Instagram stories и сл. во насока на збогатување на маркетинг комуникацијата на компаниите. Истовремено и медиумите ќе ги користат овие канали да дистрибуираат содржини со кои ќе се обидат да изградат нови бази на следачи.

6. Директна комуникација и продажба преку социјалните мрежи.

Во 2018-тата компаниите ќе се стремат да остварат директни комуникации со постојаните и потенцијалните клиенти преку социјалните мрежи. Да им одговараат на нивните прашања во коментари, да им нудат производ кој им одговара. Развојот на “Shop section” на Фејсбук и “Shopping” плагиот на Гугл се очекува да го достигнат својот зенит во оваа година а тоа ќе значи и можност за стотици македонски компании да имаат свои “онлајн продавници“ за кои досега требаше поголем напорт за изработка на посебна платформа и платежни системи.

7. GDPR, етичко огласување и прилагодување на огласувачките формати

Соочени со притисокот од големите технолошки играчи (во прв ред Гугл, преку пребарувачот Chrome), 2018-тата година во Македонија ќе донесе зголемена (во прв ред) дебата за идејата за етичко огласување. Ако македонската држава се реши доследно да ги следи европските регулативи во однос на GDRP и процесот на собирање и обработка на податоци тогаш можно е при крајот на 2018-тата да се најдеме во ситуација каде ќе мора сите дигитални маркетери да имаат исклучително совршени познавања за искористување на дозволените data инпути и моделирањето на B2B маркетинг стратегија која ќе биде во согласност со регулативите.

За да не се сведе овој “тренд“ само на “дебата“, ќе потенцираме и дека доколку профункционираат најавите од Гугл Хром за пенализирање на рекламите кои се појавуваат на цел екран, лесно можеме да воочиме дека веб сајтовите кои егзистираат од реклами од надворешни ад платформи кои пласираат лажни (и многу грди) реклами кои често пати се појавуваат како поп-ап или in-between ќе мора да бараат нови начини на финансирање уште од 1-ви јануари.

Текст на IAB Macedonia

IAB Македонија е здружение посветено на континуиран развој и раст на дигиталниот пазар во Македонија, обезбедувајќи едукација, транспарентност на пазарот, комуницирајќи ги вредности на IAB Европа на локално ниво.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

eighteen − 15 =