Иако се уште сме во ноември, голем број публикации креираат топ листи за најдобрите уреди во годината што изминува. 

Технолошките компании како Apple, Samsung, Microsoft и други, работат низ текот на целата година и константно се обидуваат да се истакнат со своите производи во однос на хардверот и на софтверот во нивните производи, но секако наградите им значат. Магазинот Time веќе на најправи сопствената листа за најдобрите гаџети во годината, па ви ја донесуваме во продолжение.

Sony Alpha A7R III

10. Sony Alpha A7R III
Иако е претставен пред кратко време, тој претставува одличен наследник A9 Alpha, а експертите ги сметаат за еден од најдобрите фотоапарати во неговата категорија, кој може да ги покрие потребите на професионалци и на аматери. Цената е 3.200 долари.

Apple Watch 3

9. Apple Watch 3
Овој модел е најновиот модел од линијата на паметни часовници на Apple. Една од главните карактерисики на овој модел е што сега Apple ќе ви „дозволи“ да го оставите мобилниот телефон дома. Со новиот модел може да добивате повици и пораки на вашата рака. Како и секој наследник, има подобрени процесор и разни сензори, но тој е само додаток кон вашиот iPhone. Цената на часовникот е 329 долари.

Xbox One X

8. Microsoft Xbox One X
Новиот модел на конзолата на Microsoft претставува голем чекор напред, а според рецензиите нуди фантастични перформанси. Една од главните карактеристики е можноста за играње на игрите во 4K. Конзолата има специјално изработени процесор и графичка карта, има 12GB графичка меморија, 8GB работна меморија, 1TB HDD, а цената е 500 долари.

Amazon Echo

7. Amazon Echo (втора генерација)
Откако во 2014-та година првата генерација на Amazon Echo направи пресвртница во домашните уреди со гласовно распознавање, новото издание напредува во секој поглед. Има поатрактивен дизајн, подобар звучник, подобро препознавање на гласовните команди, а и подобра цена од 100 долари.

Super Nintendo Classic

6. Super Nintendo Entertainment System (SNES) Classic
Уште една играчка конзола на оваа листа, но со оваа верзија Nintendo го враќа класичниот дизајн. Конзолата доаѓа со вградени 21 ретро игри, вклучувајќи ги Super Mario World, The Legend of Zelda, Donkey Kong Country. Конзолата чини 160 долари.

Samsung Galaxy S8

5. Samsung Galaxy S8
S8 и S8+ ги поставија стандардите за мобилни телефони во 2017 година. Samsung го претстави телефонот со Infinity display, екран кој е заоблен на двете страни, а претставува најдобриот екран на светот кај мобилните телефони. Цените се 725 односно 825 долари.

DJI Spark

4. DJI Spark
Дроновите станаа нова модерна но и скапа играчка. Новиот модел на DJI, Spark прави напредок во компактноста на уредот кој сега може да се смести на дланката, а нуди одлични можности како и кај поголемите модели. Главниот новитет кај овој модел е што не мора да го контролирате со џојстик. Со основната батерија може да лета 16 минути со брзина до 50 километри на час, а големината на сензорот е 12MP. Цената започнува од 500 долари.

Microsoft Surface Laptop

3. Microsoft Surface Laptop
Најновиот обид на Microsoft во продажбата на лаптопи се чини дека е вистински погодок. Нуди елегантен и тенок дизајн, одличен екран, долготрајна батерија. Една од карактеристиките на овој лаптоп е што тој е наменет за користење на Windows 10 S верзијата на оперативниот систем, односно ги користи само оние апликации кои се наоѓаат во Microsoft application store. Тоа на компјутерот ќе му овозможи полесни апликации за побрза работа. Цената е 1.000 долари.

Apple iPhone X

2. Apple iPhone X
Најновиот модел на мобилен телефон од Apple е веројатно најозборуваниот уред во оваа година. Ознаката X ја претставува 10-ката, односно 10-годишнината од првиот модел на iPhone кој направи револуција во користењето на мобилните телефони. Десетката се одвојува од досегашниот дизајн кој го користеше Apple во своите модели. Најефтината варијанта на iPhone X е 1.000 долари.

Nintendo Switch

1. Nintendo Switch
Долго време корисниците на играчките конзоли мораа да одберат дали ќе ги играат игрите пред телевизорот или ќе држат мал екран во своите раце. Со новиот Nintendo Switch повеќе не мора да избираат помеѓу тие варијанти. Switch има таблет од 6.2 инчи на кој може да ги закачите контролерите од двете страни. Доколку сте дома, таблетот може да го закачите до уредот кој е приклучен на телевизорот, а контролерите сега може да ги користите како стандардни контролери. Цената на конзолата е 300 долари.