Кинезите порачуваат дека технолошките гиганти се добредојдени, но само ако ги почитуваат нивните правила на работа.

Фејсбук е „надвор од игра“ од 2009-та година, токму како и Твитер, а кинеските власти на црната листа го ставија и Гугл во 2010-та година. Дали е можно најголемите технолошки компании на светот, нивните социјални мрежи, интернет пребарувачи и сите останати услуги кои што ги нудат повторно да бидат достапни во Кина?

Кога зборуваме за кинескиот пазар, треба да се напомене дека станува збор за огромен пазар од 751 милиони интернет корисници, па затоа јасно е дека за најголемите интернет компании кинескиот пазар е вистински „рудник со злато“.

Ки Сиаосиа, директорка на Канцеларијата за меѓународна соработка на Кина, изјави на Форумот за управување со интернетот на Обединетите нации кој што се одржува во Женева, дека сите се добредојдени во Кина, но мора да ги почитуваат правилата.

„Не е никаков проблем Гугл, Фејсбук, Твитер и останатите да дојдат во Кина и да можат нормално да работат. Но, постои услов, темелен услов, а тоа е да ги почитуваат кинеските закони и прописи, а исто така, во ниту еден момент да не ја загрозат и компромитираат безбедноста и интересот на нашите потрошувачи или корисници на интернет“, порача Сиаосиа.

Точно е дека има бројни интернет корисници во Кина кои што ги заобиколуваат рестрикциите и сепак ги користат услугите на Гугл, Фејсбук и Твитер, но сепак тој број во споредба со огромната бројка на интернет корисници во Кина е премал.

Кина е еден од најпосакуваните пазари на најголемите интернет гиганти, па иако „западните“ компании не се согласуваат на никаква цензура, кога се во прашање парите, тогаш полесно е да се пронајде компромис.

Извор: Zimo.hr