Анализите покажуваат дека ресурсите кои ги троши модната индустрија, скапо ја чинат Земјата. Според тоа, за да се изгледа добро на вистина треба да се плати висока цена и тоа во секоја смисла. Огромни количини енергија, вода и други ресурси се потребни за да се произведе облеката. Од пестицидите кои се користат на плантажите за памук, па до хемикалиите со кои се обработуваат тексасот, проценето е дека производството на 1kg облека, генерира 23 kg гасови на стаклена градина. За жал, најголем дел од облеката во светот се фрла по една година, заради промената на модниот тренд, но оваа практика е погубна за планетата. Исто така, не помалку важен е податокот дека станува збор за индустрија која бележи сериозен раст.

Според Greenpeace, во 2015 година вкупната заработка од продажбата на облека била 1,8 милијарди долари, додека во 2002 таа изнесувала 1 милијарда долари. Од друга страна пак, освен квантитетот, се менува и квалитетот на процесите. Евтините материјали како што се полиестер и други, се поисплатливи од природните. Затоа, во најголем дел се употребува мешавина од природни и синтетички материјали. Но кога станува збор за рециклирањето на овие материјали, неопходна е сепарација, што е неефикасен процес ако се работи механички, но скап процес ако се работи по хемиски пат.

Поголемиот дел од засегнатите компании не се доволно заинтересирани да се погрижат за влијанието врз животната средина, но сепак еден дел од нив се одлучиле за поинаков пристап првенствено поради притисокот од јавноста. H&M веќе не користи токсични хемикалии кај одредени видови на водоотпорна облека, и е најголем купувач на т.н „better cotton“, памук кој е одгледуван на начин кој не и штети на околината.

На глобално ниво модната индустрија е втора по нивото на загадување, веднаш по нафтената индустрија.