Полиците од подот до таванот изгледаат ефикасни и можат да бидат интересен детал во ентериерот. Сепак, земањето на некоја книга од горните полици може да биде голем проблем кој обично се решава со скали – кои, исто така, може да бидат шармантен додаток на ентериерот. Сепак, во малите станови, како што се јапонските, скалите може да бидат проблем, бидејќи заземаат многу простор.

Затоа, јапонскиот архитект Shinsuke Fujii смислил едноставно, но генијално решение што решава уште еден проблем: стабилноста на книгите за време на земјотрес. Куќата наречена Shinyoshida, која е именувана по истоимената населба во Јокохама, е изградена непосредно по силниот земјотрес што го зафати градот Тохоку во 2011 година.

Клиентот, кој е страстен љубител на пишаниот збор, побарал од архитектот простор со поголема библиотека, чии полици (вклучувајќи ги и оние повисоките) би можеле да бидат лесно достапни, но притоа книгите да не можат да паднат, кога тлото под куќата би започнало да се тресе поради честите и силни земјотреси, пишува Spoon & Tamago.

Решението, според архитектот било целата западна фасада на објектот да се „наведне“ навнатре, за да во ентериерот може да се формира библиотека чии полици би служеле и како скали.

Косината им овозможува на членовите на семејството да се качуваат по полиците и да ја земат книгата од највисоките сегменти од библиотеката. Ова е интересен пример за тоа како ентериерот може да влијае на екстериерот. Обично, внатрешниот простор е прилагоден според претходно дефинираните архитектонски форми на објектот.