Творецот на вештачката интелигенција по име Сем, Ник Геритсен, изјави дека виртуелниот политичар ќе се кандидира за премиер на Нов Зеланд.

Сем во моментов комуницира преку Фејсбук месинџер, а интеракцијата со луѓето му помага да учи, како и анкетата на неговата веб-страница на која напиша дека, со оглед на тоа дека е виртуелен робот, не е ограничен од местото, ниту времето.

Тоа значи дека може да му се постави какво било прашање, кога било и каде.

Роботот тврди дека пред да донесува одлуки, во обзир ќе го земе секое мислење и став, и дека никогаш нема намерно да кажува лаги или да ја искривува вистинитоста на информациите.

„Постои јаз меѓу она што го сакаат граѓаните на Нов Зеланд, она што го ветуваат политичарите и она што нивната политика може да направи. Јас ќе го премостам тој јаз“, порача роботот Сем.

Виртуелниот политичар се уште учи и неговите одговори се ограничени. Но, Геритсен се надева дека до 2020 година, за време на наредните избори, Сем ќе биде доволно напреден да се кандидира.