Научници од Универзитетот во Њукасл дојдоа до шокирачки откритија за време на истражувањето на долината Џеленџер Дип, во Маријанскиот Ров, место познато како најдлабоката точка на планетата Земја.

Тимот за првпат откри пластика во стомаците на морските суштества на дното на океанот, што значи дека повеќе не постои дел на светските океани до кој не стигнал човечкиот отпад.

Секое суштество пронајдено на длабочина од 10,890 метри внело во својот организам барем некој вид вештачки материјали, вклучувајќи и најлон.

Доктор Алан Џејмисон, професор по маринска екологија и водечки научник на истражување, изјави дека резултатите прилично се загрижувачки и дека бараат итна акција.

Тимот тестираше 90 видови ракови во неколку точки во длабокиот Пацифик.

Во секоја од нив е пронајдено суштество кое изело некој вид  вештачки влакна или пластика. Резултатите изнесувале 50 проценти од морските суштества во Новите Хебриди изеле некаков вид ѓубре, додека во Маријанскиот Ров немало суштество кое било тестирано а во него да не било откриено некаков вид ѓубре.

„Ѓубрето кое завршува во океаните стигнува до најдлабоките точки, а еднаш кога ќе потоне на дното, тука останува. Тоа значи дека количината пластика во рововите, непрекинато расте, нешто што треба да нè загрижи сите. Станува збор за проблем од глобални размери“, изјави Џејмисон.

Во океаните секоја година завршуваат повеќе од осум милиони тони пластика. Научниците претпоставуваат дека во морињата во моментов се наоѓаат околу 300 милиони тони пластичен отпад, а дека до 2050 година во океаните ќе има повеќе пластика отколку риба.

Според предвидувањата на експертите, во водата се наоѓа отприлика 51 билион (трилион) микропластични честички, што е 500 пати повеќе од бројот на ѕвездите во нашата галаксија.

Поради загадувањето во моментов загрозени се повеќе од 600 вида суштества од морскиот свет, поради што многумина ваквата појава ја нарекуваат масовно убиство на Земјата.