Кинеската влада моментално гради голема база на податоци која што, кога ќе биде готова, ќе може да го идентификува секој граѓанин на Кина за само неколку секунди.

Кина ја има најголемата мрежа на надзорни камери на светот. Речиси и да не постои град во кој што нема огромна мрежа со камери кои што ги снимаат граѓаните. Десетици милиони камери секојдневно снимаат на јавните површини, а за да ги анализираат снимките, на тамошните власти им се потребни најнапредни технологии и најбрзи компјутери.

Една од напредните технологии е онаа за препознавање на лица, а за тоа е специјализирана компанијата SenseTime. Покрај другите кинески компании, сега и оваа компанија сака удел на кинескиот „пазар за надзор на граѓаните“.

Имено, на овогодишното натпреварување ImageNet Large Scale Visual Recognition Challenge, кинеските тимови кои што се занимаваат со вештачка интелигенција, буквално ја прегазија конкуренцијата и сето тоа благодарение на тоа што нивен најголем клиент им е кинеската држава.

И додека остатокот од светот со голема доза на скептичност гледа на развојот на технологијата за препознавање на лице и се отвора прашањето за нарушување на приватноста на граѓаните, во Кина се чини дека им е сеедно што владата го следи секој чекор на граѓаните, или пак луѓето едноставно се помирени дека се немоќни во борбата против таквите методи на државата.

Кинеските власти интензивно градат база на податоци која што кога ќе биде готова, ќе може да идентификува било кој граѓанин на Кина за само неколку секунди и тоа благодарение на видео надзорот на камерите на јавните површини.

Исто така, кинеската влада развива и база со гласовни податоци со цел да може да ги идентификува луѓето по начинот на кој што говорат, откриваат од Human Rights Watch. Уште една од технологиите околу која што владее голем интерес од страна на кинеската влада е технологија за препознавање на начинот на чекорење.