Од круговите на познатите научници и експерти за роботика и вештачка интелигенција, пристигнува уште едно предупредување за опасноста која што со себе ја носат таканаречените „роботи убијци“.

Бројни научници предупредуваат дека опасноста расте од таканаречените „роботи убијци“, односно од дроновите и роботите дизајнирани за војување кои што работат на вештачка интелигенција и кои што во иднина самите ќе можат да одлучат каде да нападнат.

Пред неколку месеци голем број на научници и експерти од полето на вештачката интелигенција и роботика, потпишаа петиција со која што бараат забранување на развојот на ваквите роботи, а оваа седмица научници од Австралија и Канада испратија отворено писмо до премиерите и владите на овие земји од кои што бараат „заземање на цврст глобален став против вооружувањето на вештачката интелигенција“.

Исто така, од владите на овие земји се бара соработка со останатите земји за постигнување на нов меѓународен договор околу забрана на развојот и користење на ваквите автономни воени машини, сличен на оној од 1970-та година кој што беше постигнат околу нуклеарното вооружување.

Од овие две држави се бара заземање на позициите морални лидери и спречување на нови револуции во војувањето во кое што главната улога повеќе нема да ја имаат луѓето, туку машините и вештачката интелигенција која би можела да прави што ќе посака.

Во двете петиции кои што се потпишани во рок од неколку месеци од страна на над 300 научници е изразена загриженоста околу автономните системи, дроновите и роботите кои што веќе се активни во армиите на неколку земји.

Научниците и експертите предупредуваат дека со напредокот на развојот кај овие технологии, луѓето повеќе нема да имаат контрола над машините, а вештачката интелигенција нема да има „морална линија“, па нејзиното делување може да има катастрофални последици можеби и за целото човештво.

Извор: Mashable