Според извештајот на консултантско-ревизорската компанија Ernst & Young Global Limited, работните места кои ги генерираат соларните извори до 2021 година ќе се зголемат на 175.000 и ќе постигнат дополнителна вредност од 9,5 милијарди евра. Извештајот од ЕУ исто така покажува дека напорите на Европската унија за поголемо користење на обновливите извори на енергија од 27% на 35% до 2030 година може да донесе 120.00 дополнителни работни места кога се во прашање соларните извори на енергија, со што бројот на вработени ќе се зголеми на 328.000 вработени во тој сектор.

Според информациите што ги пренесува Poslovni Dnevnik, тоа е возможно само доколку државите вградуваат повеќе соларни колектори во склад со целните политики до 2020 година. Со соодветна имплементација на таа политика растот би можел да биде и поголем до 2030 година.

Земјите-членки би имале флексибилност за користење на обновливите извори на енергија достапни на нивнат територија и би можеле да развиваат иницијативи за намалување на емисијата на штетни гасови. Од Европската унија порачуваат дека сакаат соларната енергија и енергијата од ветрот добро да се развијат во Европа, да се создадат повеќе работни места врзани за соларната енергија.

Проекциите на ЕУ наведени во извештајот покажуваат дека Шпанија ќе има најголем број работни места, со очекуван раст од 471% од 2016 до 2021 година, а по неа следуваат Грција со повеќе од 403% и Полска со повеќе од 381%. Претседателот на организацијата SolarPower Europe, Кристијан Вестермајер, истакна дека што повеќе соларни извори се инсталираат ќе се отворат повеќе работни места и ќе има поголем економски раст во Европа.

Извештајот на Ernst & Young утврди дека просечната цена на соларните системи во Европа во 2016 година е намалена за 23% во споредба со 2014 година, но цената може да биде уште пониска доколку се отстранат високите тарифи на соларните панели, кои би поттикнале отворање нови работни места и економски раст во земјите на ЕУ.

Извор: Poslovni Dnevnik