Требаше да ни биде јасно уште кога величини како Бил Гејтс и Стив Џобс на своите деца ретко им дозволуваа да ги користат уредите кои самите ги промовираа…

Интервјуата со Бил Гејтс, Стив Џобс и со други истакнати припадници на технолошкиот свет откриваат дека родителите од Силиконската долина се вонредно строги кога се работи за нивните деца и технологијата во развој.

Психолозите забрзано стекнуваат сознанија за тоа колку можат да бидат опасни паметните телефони за тинејџерските мозоци. Истражувањата укажале дека можниот ризик од депресија кај учениците од осмо одделение расте за 27 проценти доколку претерано користат социјални мрежи.

Децата кои своите смартфони ги користат барем три часа дневно значително се поподложни на самоубиствени намери. Стапката на самоубиства на тинејџери во САД се искачи над општата стапка на самоубиства, при што паметните телефони се посочуваат како главни виновници.

Ризиците од користење смартфони се јасно дефинирани уште пред речиси десет години, тврдат учителите Џо Клемент и Мет Мајлс, коавтори на неодамна објавената книга Screen Schooled: Two Veteran Teachers Expose How Technology Overuse is Making Our Kids Dumber.

Тие повторно нагласуваат дека јавноста морала да биде повнимателна кога се соочила со фактот дека величини како Гејтс и Џобс изјавиле дека не им дозволуваат на своите деца прекумерно користење на технолошките изуми кои самите ги промовирале.

Што тие богати техно-директори знаат за сопствените производи, а нивните потрошувачи не го знаат? Клемент и Мајлс се уверени дека вистинскиот одговор на тоа прашање гласи: моќ за создавање зависност од дигиталната технологија.

Гејтс, коосновач и поранешен главен извршен директор на „Мајкрософт“, на својата ќерка ѝ го ограничил времето на користење на компјутерот откако почнала да развива знаци на нездрава поврзаност со видеоигрите. На своите деца не им дозволувал да користат мобилни телефони додека не наполнат 14 години. Денес просечната возраст на која децата во САД го добиваат својот прв мобилен телефон е десет години.

Џобс, коосновач и шеф на „Епл“, откри дека на своите деца им забранувал користење на тогаш промовираниот „ајпед“ и дека им ги ограничувал технологиите што можеле да ги користат во домот.

Клемент и Мајлс во својата книга тврдат дека богатите родители од Силиконската долина се повеќе свесни дека паметните телефони, таблетите и лаптопите можат да предизвикаат зависност кај децата, и покрај фактот дека нивните родители живеат од создавање и креирање на таа технологија.

„Интересно е дека во модерните јавни училишта се бараше користење на електронски уреди како ’ајпадот‘, а токму децата на Стив Џобс беа меѓу оние што не ги користеа.“

Неговите деца го завршија школувањето, па не може да се знае како тој би реагирал на образовната технологија. Клемент и Мајлс сугерираат дека најверојатно неговите деца, кои би посетувале просечни американски училишта во денешна смисла, би користеле далеку повеќе технологии отколку што имале во домашни услови кога растеле.

Од друга страна, неколку специјализирани училишта во Силиконската долина, како на пример „Валдорф“, и понатаму користат ниско ниво на технологија. Тие им се верни на „таблата и кредата“, а наместо на кодирање, ги учат децата на меки вештини, како соработка и почитување, и како да се биде креативен.

Гејтс не инсистирал на комплетна забрана за користење на технологијата во образованието. Тој живо се интересирал за персонализирано образование, пристап кој користи електронски уреди за приспособување на наставните содржини кон секој ученик поединечно, а каде што учителите и наставниците имаат улога на ментори и водичи, пишува „Бизнис инсајдер“.

Извор: Tportal.hr