Нова видео игра во Кина – аплаудирајте му на претседателот преку телефон

Просечниот млад Кинез можеби не би го интересирал овонеделниот тричасовен говор на кинескиот лидер Си Џинпинг на конгресот на Комунистичката партија, но со задоволство би му аплаудирал преку најновата апликација која станала вирална во Кина.

Интернет компанијата “Tencent”, позната по апликацијата за инстант пораки “WeChat”, оваа недела објавила видео-игра која им овозможува на корисниците да му аплаудираат на претседателот – преку тапкање по екранот на телефонот.

Целта е да го направат тоа што побрзо за одредено време, наведува агенцијата “AP”. За само три дена, оваа игра била одиграна повеќе од 1,2 милијарда пати, а многумина ги споделиле своите резултати преку социјалните мрежи и со тоа ги предизвикале своите пријатели.

Во новата видео-игра, на корисниците им се прикажува краток исечок од говорот на Си Џинпинг од отворањето на конгресот, на некои од темите како што се подобрување на животот на сиромашните селани или регулирање на пазарот на домување, по што корисникот треба да аплаудира.

Корисниците постигнале неверојатни резултати во бројот на аплаузи во секунда, наведува агенцијата, која додава дека играта е пример како Комунистичката партија од Кина го користи интернетот и популарната култура за ширење на своите пораки, поттикнување на патриотизмот и изградба на лојалност кон лидерот Џинпинг, за кој се тврди дека има многу поголема моќ од било кој кинески лидер во претходните децении.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

seven + 8 =