Во Лондон е тестиран прототипот на футуристичката “зебра” со променливи ЛЕД светла кои се вградени во коловозот наместо класичната бела боја.

За паметниот пешачки премин, неговите дизајнери тврдат дека е повоочлив од стандардниот и дека ќе ја зголеми безбедноста на пешаците во сообраќајот. Освен ЛЕД светлосните извори, тој користи компјутер и камери, така што во реално време може да ја менува хоризонталната сигнализација на коловозот, во зависност од тоа дали на него се наоѓа пешак или не.

Кога системот ќе процени дека е безбедно да се премине, на коловозот ќе се формира привремена “зебра”, а пред самиот пешачки премин ќе се појави зелена светлосна лента која означува дека пешачите може да го преминат патот.

Технологијата е во состојба да препознае различни видови на превозни средства како што е велосипедот, па затоа на патот се активира посебна светлосна сигнализација.

Во случај пешак или дете изненадно да претрча на улица, ќе се појави предупредувачко црвено светло на коловозот како предупредување за самиот пешак, но и за возачите.

Паметната LED сигнализација наместо класичната бела боја на патот има уште една предност, а тоа е воочливоста во ноќните услови и условите на намалена видливост.

Прототипот моментално се испитува на специјален полигон во јужниот дел на Лондон.

Извор: B92.net