Астероидот 2012 TC 4, со должина меѓу 12 и 27 метри, изминатата ноќ „за влакно“ не ја погоди Земјата, попрецизно за 44.000 километри, движејќи се со брзина од 17 километри во секунда, пренесуваат агенциите.

Американската вселенска агенција (НАСА) соопшти дека неговата маса изнесувала околу 7000 тони, а до земјата бил речиси осум пати поблиску од Месечината.

Астероидот е откриен во 2012 година, во опсерваторијата на Хаваи. Повторно ќе нè обиколи во 2050 и во 2079 година.

Доколку овој астероид се судри со Земјата, би дошло до експлозија со сила од 20 атомски бомби.

Но, астрономите пресметаа дека во моментов ниту еден астероид во Сончевиот систем не се движи во насока што би довела до судир со нашата планета во наредните 100 години.

Еден проблем во таквата пресметка е фактот што таа вклучува само астероиди кои би биле во состојба да направат огромна штета.

ТC4 не е дел од нив, иако би можел да уништи една помала држава.

Секоја година во близина на Земјата во просек поминуваат три такви астероиди, но ТC4 се приближил доволно блиску за  агенциите како НАСА, ЕСА и другите да можат при тој прелет да го тестираат системот кој алармира на опасност од астероиди.