Пионерите на електронската музика Крафтверк повторно доаѓаат во Македонија, беше потврдено на нивниот официјален сајт.

Концертот е закажан за 27 февруари следната година, со почеток во 20.45 часот, а локацијата ќе биде салата „Борис Трајковски“. Според објавената програма, концертот во Скопје засега е означен како последен во нивната светска турнеја, која стартуваше уште пред неколку години.

Легендарната германска четворка го имаше првиот настап во Скопје во јуни 2005 година, што се памети како еден од ретките распродадени концерти во Македонија досега. Овојпат, може да се очекува уште поуникатно и поспектакуларно доживување, бидејќи оваа турнеја им е во вид на 3Д-концерти.

Проектот Крафтверк е основан во 1969 година и одигра историска улога во популаризирањето на електронската музика. Бендот има издадено десет албуми, последен во 2003 година, а од оригиналната постава остана единствено Ралф Хитер.

Kraftwerk е една од највлијателните и најзначајните електронски групи во светот. Како предводник на експерименталната сцена, со својата визија за иднината Kraftwerk ја создаде музичката подлога за дигиталната ера на 21-виот век. Нивната музика изврши огромно влијание врз цел спектар на музички жанрови: од електро до хип-хоп, од техно до синтпоп и не постои речиси ниту еден германски бенд кој толку често се наведува како извор на инспирација и авторитет за илјадници музичари. Поради пресудното влијание и применливоста на електрониката во музиката тие важат за бендот без кој модерната музика денес не би звучела исто.

За време на речиси 50 години постоење Kraftwerk објавуваат десет успешни студиски изданија, како и неколку компилациски и два live албум, од кои последниот „3-D The Catalogue“ го објавија во мај годинава.