Со над 21.000.000 прегледи, повеќе од 12.000 претплатени корисници и над 48.300.000 изгледани минути информативниот портал „А1он.мк“ е на врвот на листата медиуми по посетеност на македонските YouTube-канали. Според статистиките, првиот видеопортал во Македонија ужива максимална доверба кај гледачите, за што говори и секојдневната бројна посетеност.

Над 7.500-те објавени видеа на YouTube-каналот на „А1он.мк“ се преземани и пренесувани од домашни и странски медиуми, истите секогаш објавени од местото на настанот, без цензура, во висока резолуција и со прецизна информација за настаните. Порталот е пионер во Македонија кога се во прашање и вклучувањата во живо од терен.

Мигрантската криза, која беше актуелна тема во 2015 година, го донесе и најгледаното видео на YouTube-каналот „А1он.мк“, со посетеност од над 638.000 прегледи. Второ на листата е тепачката меѓу новинарите Сашо Политико и Александар Спасовски. Во првите три видеа според бројот на прегледи е и видеото од 2015 година од пукањето во Диво Насеље во Куманово, „А1он“ ги имаше првите информации од терористичкиот напад, а ги пренесуваше новинарската екипа испратена на терен.

Следењето во реално време на низа протести, инциденти, алармантни ситуации, прес-конференции, дебати, интервјуа, изјави и документарци го позиционираа „А1он.мк“ пред сите македонски медиуми на мрежата YouTube.

Втор на листата на посетеност е „Канал 5“ со над 13.000.000 прегледи, а по него и Нова ТВ со над 10.000.000 посетеност.

„А1он.мк“ е на првото место, со 8 милиони прегледи повеќе од другите медиуми. Порталот почна со емитување информации во вид на видеоформат уште од самото формирање во 2012 година, во обид реално и навремено да ги претстави сите случувања во Македонија, по терк на големите медиумски куќи во светот. „А1он.мк“ се стреми да прерасне во водечки медиум во Македонија. (К.Л.)