Шокот од вселената беше едно „титкање“. Пред 60 години СССР со сателитот Спутник, метална кугла со тежина од 83 килограми и дијаметар од 58 сантиметри, го означи почетокот на ерата на вселенски летови.

Стравот и трепетот на Студената војна денеска мирно си виси од таванот на еден московски музеј. Човек може да се огледа во исполираната алуминиумска површина на репликата на „Спутник 1“, првиот вештачки сателит во вселената. Просто неверојатно е дека една метална кугла со 4 антени кои стрчат како краци, пред точно 60 години го возбуди светот. Тоновите кои на 4-ти октомври 1957-ма насекаде во светот можеа да се примат преку обично радио беа тивки, но нивното дејство беше замелушувачко. Кога Советскиот сојуз го прати сателитот „ПС-1“ во вселената, Западот беше во „Спутник-шок“: тоа беше стартот на трката за вселената меѓу суперсилите САД и СССР.

Денес „Спутник 1“ го означува почетокот на вселенската ера. Некогашните успеси сѐ уште ја мотивираат руската нација. Но, мотото сега е – соработка. „Многу сме горди на тоа што оваа прослава не е чисто руска, туку светска“, вели историчарот Вјачеслав Климентов. „Со тоа светот оддава признание на успехот на руските научници“, изјави тој за германската новинска агенција ДПА. Климентов е заменик-директор на Музејот за вселенски летови во Москва. Седи на биро, зад него има слика од легендарниот главен конструктор на Спутник и другите, Сергеј Корољов, и раскажува на долго и широко за подемите и падовите на советската и руската вселенска програма. Корољов пак, во интервју во 1963-та година, рече дека Спутник-летот бил кулминација на 30-годишна научна работа. На Западот во тоа време помалку страв му предизвика сателитот со безопасното „титкање“, отколку кратко пред тоа тестираната интерконтинентална ракета од типот Р7, со која полета во вселената. Фактот дека Советскиот сојуз е во состојба да изведе такво нешто, на САД им ја предочи сопствената ранливост.

Laika erster Hund im Weltall (picture-alliance/Heritage Images)Конструкторот Корољов е заслужен за многу етапни победи на Советскиот сојуз во космичката трка. Под негово водство Јуриј Гагарин беше првиот човек во вселената, Валентина Терешкова како прва жена ја обиколи Земјината топка и Алексеј Леонов се осмели како прв човек во скафандер да излезе во вселената на отворено. „Вселенските бродови еден ден ќе летаат сѐ подлабоко во вселената. Ние сакаме до планетите во нашиот сончев систем, Венера и Марс“, изјави визионерски Корољов. Неговите зборови до ден-денешен се патоказот на Русија до ѕвездите.

Русија, заедно со европскиот партнер ЕСА, ја истражува „Црвената планета“. Планирана е повеќеслојна програма за Месечината која до 2030-та треба да кулминира со слетување на космонаут на неа. Минатата година Русија во Восточни отвори нов вселенски центар. „Веќе во следните години мораме да направиме конкурентни иновации“, побара неодамна претседателот Владимир Путин. Тој сака да се развиваат нови материјали, ракети и вселенски капсули. Русија мора да го надгради сопствениот потенцијал, но и да ја засили меѓународната соработка, рече Путин.

Големи пробиви одамна немало. По распадот на Советскиот сојуз и руската вселенска програма ја следат финансиски проблеми и малери. Критичарите забележуваат дека Русија уште користи стара советска технологија. „Точно е дека тогаш се постави базата која беше пред нејзиното време, денес уште играме на таа карта”, вели шефот на вселенската програма Игор Комаров за весникот „Известија”. Но, техниката е отидена напред. На пример, Сојуз-ракетите: „Системот на управување и дигиталното – тоа сега се сосем различни ракети“ отколку во времето на Корољов. Комаров со интерес ја следи тенденцијата во САД милијардери како Елон Маск да настапуваат како мецени за вселенски истражувања и да ја размешаат браншата со повеќекратно употребливи ракети. И во Русија има многу финансиски моќни луѓе. Комаров отворено вели дека со драго срце би нашол приватни финансиери. „Во рок од две години би требало сериозно да ги имаме предусловите за да ги привлечеме“, побарал тој неделава на една конференција по повод јубилејот од Спутник, пренесува агенцијата ТАС.

Russland Vostochny Cosmodrome Forschung (picture-alliance/dpa/I. Ageyenko)Иако до сега нема приватни моќни поддржувачи, не недостигаат страствени космонаути, како на пример Сергеј Расјански. Биохемичарот во моментов работи на Меѓународната вселенска станица ИСС. При една задача на отворено, тој во вселената во август пушти сателит во чест на Спутник. За него тоа има и лична димензија, бидејќи неговиот дедо бил еден од конструкторите на Спутник. “Сигналот од Спутник беше негово дело“, вели Расјански.

Историчарот Климентов и во постигнувањата на астронаутите како Расјански гледа причина зошто и по 60 години сѐ уште има толкаво одушевување за космосот. Тој смета дека тенденцијата е растечка. За него тоа што привлекува многу млади луѓе е мешавина од патриотска гордост и фасцинација за бесконечното. Токму таму почнува неговата работа, тврди тој. „Во музејов не се работи само за техника и херои, туку станува збор и за соништа!”

Извор: Дојче Веле