Мозочната активност продолжува повеќе од десет минути после смртта, покажа новото истражува на тим на доктори од универзитетот во западен Онтарио во Канада, а би можело да доведе и до нови медицински и етички предизвици.

Канадските доктори кои работат во одделот за интензивна нега забележале дека човечкиот мозок продолжува да работи и после настапување на клиничка смрт кај пациентот.

Во случајот на кој присуствувале, докторите констатирале смрт кај пациентот врз основа на вообичаените знаци, отсуство на пулс и непостоење на било какви реакции. Меѓутоа, тестовите покажале дека неговиот мозок продолжил да функционира, а мозочните бранови работеле како за време на сон.

Само еден од четирите пациенти покажал долготрајна и мистериозна мозочна активност, додека активноста кај поголемиот дел од пациентите престанала дури пред срцето да прекине со чукање.

Но, секој мозок се однесувал различно во минутите кои следеле после смртта, зголемувајќи ја мистеријата околу тоа што точно им се случило на секој од нив откако починале.

Претходно докторите верувале дека мозочната активност прекинувала една минута после настапувањето на смрт, но тие истражувања биле спроведувани на глувци и научниците не пронашле сличност кај луѓето.

Што се случува со телото и умот после смртта останува тотална мистерија за научниците.

Во две истражувања објавени минатата година научниците утврдиле дека гените продолжуваат да функционираат и со денови после смртта.