Технолошката транспортна компанија Uber повеќе не ќе може да работи на улиците на Лондон бидејќи британските власти одбиле да ѝ ја обноват лиценцата со образложение дека ѝ недостига корпоративна одговорност во јавната безбедност.

Лондонската управа за транспорт соопшти дека Uber нема да може да организира превоз на улиците на Лондон, кога ќе ѝ истече лиценцата на 30 септември.

„Управата за транспорт заклучи дека Uber Лондон не е погодна да има лиценца за приватен наем“, се наведува во соопштението на управата којашто, меѓудругото, го контролира и такси-превозот на патници.

Управата во образложението навела дека лиценцата ја укинува поради начинот на кој Uber се однесува кон пријавувањето на тешките криминални прекршоци, но и поради тоа што им оневозможиле на регулаторните тела да имаат целосен пристап кон нивната мобилна апликација.

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, вели дека ја поддржува одлуката наведувајќи дека службите за превоз на патници мораат да работат според правилата. Uber најави дека ќе се жали на ваквата одлука.