Компанијата Facebook во месец април најави многу амбициозен план – во иднина да им ги чита мислите на своите корисници.

Технолошкиот гигант во моментот работи на развој на хардвер кој на корисниците ќе им овозможи да праќаат зборови од својот мозок во компјутерот само со помош на своите мисли.„Звучи невозможно, но е многу поблиску до реалноста отколку што мислите. Овој систем би можело да биде достапен за сите во рок од неколку години“, рекла Реџина Дaган, шефица на тимот „Билдинг 8“ во „Фејсбук“, кој работи на оваа технологија.

Даган додала дека технологијата на читање мисли ќе им овозможи на корисниците трипати побрзо „типкање“ отколку на тастатурата од мобилниот телефон.

Во својот говор на конференцијата Медија Лаб на Технолошкиот институт во Масачусец, директорот на проектот и невролог, Марк Шевилет, изнел неколку интересни податоци во врска со функционирањето на новиот систем.

Неговиот тим ќе користи неинвазивни сензори за детектирање мозочни сигнали, поврзани со мислите за зборовите кои ќе ги изговара личноста. Потоа, напредните компјутерски алгоритми ќе установат кои зборови сакал да ги изговори корисникот. Последниот збор ќе го има вештачката интелигенција, која ќе утврди на кој збор мислел корисникот.

„Билдинг 8“ ќе користат технологија наречена дифузна оптимална томографија, која на мозочното ткиво ќе му емитува светлина на фреквенција блиска до инфрацрвената и ќе ја чита активноста на невроните врз основа на распростирањето на светлината.

Шевилет открил дека „Фејсбук“ се приклонува кон оваа мерка, бидејќи се покажало дека корисниците немаат навика да користат гласовна опција за праќање пораки во близина на други луѓе, иако претставува значително побрз начин за „типкање“ од традиционалниот.

Исто така, „Фејсбук“ не е единствена компанија која работи на развој на технологија за читање мисли. Даган, која претходно била на чело на DARPA, вели дека таа организација инвестирала огромни количини пари во технологија заснована на поврзување на корисниците со компјутерот со помош на мислите, со цел лечење на ментални болести и враќање на помнењето кое војниците кои го загубиле во војната.

На почетокот на оваа година, директорот на компаниите „Тесла“ и „Спејс икс“, Илон Маск, ја претстави новата компанија „Неуралинк“, зад која стои идејата за поврзување на човековиот мозок со машините преку уреди кои се едвај видливи со човечко око, а слична идеја има и бизнисменот Брајан Џонсон од Силициумската долина.

Крајната цел на „Фејсбук“ е изградба на онлајн свет кој ќе се чини пореален од сегашните системи на виртуелна реалност.

Извор: B92