За нешто повеќе од една деценија мал број на луѓе ќе живеат на Месечината, додека во следните десет години ќе им се приклучат уште стотина луѓе, тврди научник на Европската вселенска агенција, Бернард Фоинг.

Тој тврди дека научници, техничари и инженери ќе бидат првите кои официјално Земјиниот сателит ќе го наречат дом. До 2040 година бројот на жители ќе се искачи на 100.

„Во 2050 година би можело да живеат и повеќе од илјада луѓе. Секако, може да се претпостави и постоењето на семејства“, истакна Фоинг.

„Исто така постои можност да имате деца родени на Месечината“, додаде овој научник.

Фоинг на одржаниот европски конгрес зборуваше за планот на Европската вселенска агенција на Месечината да се создаде населено место.

Селото ќе биде база на наука, бизнис, па дури и туризам, најави генералниот директор на агенцијата Јан Вомер.

Оние кои ќе откријат нова територија ќе мораат сами да се снаоѓаат за опстанок, пред се, од материјалите кои ќе им бидат достапни сами да си изградат засолниште.

Многу научници се збунети од можноста овој проект навистина да биде спроведен, но има и дел од нив кои предупредуваат, дека дури и ова да успее таквиот живот ќе биде доста тежок.