Екипите Evolution Online и Entitty ќе ја претставуваат Македонија на светското првенство во еспорт, кое годинава, во ноември, се организира во Бусан, Јужна Кореја.

Во квалификациите учестуваа 20 екипи во две дисциплини, кои три месеци се натпреваруваа за да се квалификуваат на завршниот турнир. Првиот турнир во мегапопуларната League of Legends се одржа во Интернет клубот Инсомниа во Скопје. Вториот натпревар се одржа во гејминг клубот Ентити во Охрид во Counter Strike: Global Offensive.

Ова е втора година по ред, Македонската еСпорт Федерација да организира национална лига во еспорт за учество во светско првенство, кое го организира IeSF (Интернационалната еСпорт Федерација). Досега, Македонија учествуваше на осум светски и две европски првенства во еспорт.

Македонската еСпорт Федерација е формирана во 2009 година, следејќи ги глобалните трендови за развој на еспортот. Започна како член на World Cyber Games, за подоцна во 2013 година, да стане полноправна членка на Меѓународната еСпорт Федерација – IeSF. Во 2016 година станува дел од World Cyber Alliance, една од најголемите еспорт организации со седиште во Кина. Истата година, МЕСФ е примена и во Светскиот еСпорт Конзорциум, WESCO.