Во секојдневната интеракција со луѓето кои ни се важни, често мислиме дека постојаното прекинување со проверување на мобилниот телефон не е толку важна работа. Меѓутоа истражувањата покажуваат нешто друго.

Колку почесто телефонот го попречува заедничкото време, толку понезадоволни се луѓето од односот со другите.

Истражувачите од Универзитетот Бејлор во Тексас открија дека сѐ почеста е појавата на „игнорирање“ на партнерот на сметка на чепкање во телефонот и дека процентот на луѓе кои ги запоставиле нивните партнери на сметка на технологијата изнесува дури 46 %.

Тие објаснуваат дека ова се случува бидејќи луѓето се толку приврзани на мобилните што рпосечниот човек го проверува смартфонот 150 пати дневно, односно на секои 5-6 минути. Затоа не е чудно што тоа го правиме несвесно додека разговараме со некого.

Сепак, фактот дека оваа навика станува речиси инстинктивно однесување, воопшто не е за оправдување.

Проверувањето на телефонот додека зборувате со некого, особено со партнерот, е знак дека не сте доволно заинтересирани за она што има да ви го каже таа личност.

За да се отарасите од оваа зависност се препорачува да го оставите телефонот во друга просторија кога сте со партнерот и да се потрудите да не посегнувате по смартфонот секогаш кога ќе слушнете дека имате нова нотификација.

Навечер пред спиење исклучете го интернетот на телефонот и посветете се на партнерот и на цврстиот сон.

Извор: Kajgana.com