Страницата YouTube-MP3.org која што огромен број на корисници ја користеа за симнување и конвертирање на снимки од YouTube во mp3 формат, наскоро ќе престане со работа после едногодишниот правен спор.

Страницата е исклучително популарна, а им овозможува на корисниците да ги претворат видео записите од YouTube во mp3 фајлови и да ги симнат на својот компјутер преку неколку едноставни чекори.

Интернет услугата која што ја нуди страницата YouTube-MP3.org е целосно бесплатна, корисникот треба само да го ископира URL линкот од YouTube и со неколку кликови може да зачува mp3 фајл. За целиот процес е потребна минута, па поради тоа и поради едноставноста, YouTube-MP3.org беше прилично популарен сервис.

Под притисок од дискографите и тужбите кои се покренати против оваа веб-страница, сопственикот на YouTube-MP3 преку приватна спогодба се договорил со организацијата за заштита на авторските права, дека освен што ќе плати оштета (сумата не е позната), туку и ќе ја изгаси страницата, односно ќе го предаде нејзиниот домен на “RIAA”.

Исто така, со оваа спогодба се забранува секаков “дизајн, развој и управување со технологии или сервиси, поврзани со ваквото преземање на материјали”. Тоа значи дека Матесанз има забрана, по гаснењето на ваквиот сајт, да покрене слична пиратска страница и на ист начин да почне да заработува пари преку кршење на авторските права.