Microsoft е речиси подготвен со втората за оваа година надградба на Windows 10. Таа ќе биде дистрибуирана бесплатно на 17-ти октомври, соопшти компанијата.

Ажурирањето се нарекува „Fall Folders Update“ и е продолжение на првиот сет на нови функции кои софтверскиот гигант ги објави во април оваа година. Главната новина ќе биде „Windows Mixed Reality“. Ова е платформа за т.н. „мешана реалност“ на Windows, со што Microsoft се надева дека ќе ја направи виртуелната и додадената реалност полесно достапна за пошироката јавност.

Таа е развиена со идејата да поддржува поевтини очила за додадена и виртуелна реалност. Веќе истиот ден, компаниите како Lenovo, Dell, Asus, Acer и HP ќе пуштат сопствени модели, кои ќе ја користат.

Друга иновација е „Windows Ink“. Технологијата на Microsoft за пишување на дисплејот добива способност директно да пишува во PDF-документи, па дури и да ги потпише. Исто така, ќе има функција која ќе ви помогне да пронајдете изгубено Surface Pen.

Со обновувањето ќе дојде и „Game Mode“ за Windows 10. Со овој режим оперативниот систем ќе може да ослободува системски ресурси за време на игра, за да може таа да функционира максимално добро.

„Fall Creators Update“ ќе понуди уште подобрен систем за управување со поглед кој ќе го користат лица со проблеми во моториката. Апликациите за обработка на фотографии се исто така надградени, како и облачната услуга OneDrive со нова функција која ги комбинира и датотеките зачувани во компјутерот и облакот на едно место.

Microsoft исто така работи и на други функции, како на пример можноста за копирање фотографии и текст од Windows 10 и пренос на апликација за Android или iOS. Сепак, тие се уште се доработуваат и не можат да бидат подготвени на време за ова ажурирање.

Ако ова се случи, тие ќе останат за следното, кое ќе биде во пролетта 2018 година.