Ново истражување овозможи нов поглед за тоа како првите животни се појавиле на Земјата, пренесува Independent. Научници од Австралија и Германија тврдат дека го идентификувале првиот момент кога еволуирал животот на нашата планета.

Револуцијата на екосистемите започнала пред 700 милиони години, кога површината на планетата била целосно покриена со мраз. Дробењето на планините ослободило фосфати кои подоцна го овозможиле создавањето на услови за живот.

Тоа се случило во периодот на екстремно глобално затоплување, кога мразот се стопил и ги пренел состојките во реките и океаните. Така се создадени услови за создавање на алги, предците на сите сложени суштества.

„Молекулите што ги најдовме во праисториските организми укажуваат на тоа дека пред околу 650 милиони години се случиле интересни настани. Станува збор за револуција на екосистемите и појава на алги“, вели д-р Џохен Брокс од Националниот универзитет во Австралија.

Сложените форми на живот со текот на времето ги потиснале доминантните бактерии. Остатоците од праисториски организми се пронајдени во седименти на карпи во Австралија. Истражувањето е објавено во Nature. Студијата вели дека алгите еволуирале многу порано од периодот што е проучуван.