Македонската компанија ФХ3Х учествуваше во креирањето на визуелните ефекти на филмот „Темната кула“, најновото филмско остварување според делото на Стивен Кинг, во режија на Николај Арчел, кој премиерно ќе биде прикажан во Скопје на 10 август.

Темната кула е американски научно-фанстастичен вестерн, кој е продолжување на истоимениот серијал новели на Стивен Кинг. Носители на главните улоги во филмот се Идриз Елба како Роланд Дешаин, револвераш кој бара начин да ја заштити Темната кула од Волтер О’Дим или „Човекот во црно“, кој го игра Метју Меконахи.

Кристијан Даниловски, еден од основачите и ко-сопственик на компанијата ФХ3Х истакнува дека на овој филм работеле од август, минатата година до февруари годинава, со тим од околу 80 артисти.

– Со нетрпение го исчекуваме, бидејќи за да се пренесе на филмско платно приказната на Стивен Кинг биле потребни 10 години и три режисери и тоа не кои било: првиот бил Џеј Џеј Абрамс, вториот Рон Хауард и конечно ќе го видиме резултатот на Николај Арчел. Верувам дека ќе биде прекрасна визуелна забава и ќе уживаме во четврток на премиерата, додаде Даниловски.

Тој потсетува дека серијалот од осум книги „Темната кула“, кој Стивен Кинг започнал да ги пишува во седумдесетите години, говорат за битката меѓу Роланд и Човекот во црно во една алтернативна реалност, која, според него, може да се опише само како неверојатна мешавина на светот на Толкин и Клинт Иствуд во тој свет.

Низ приказната во филмот не води Џејк Чемберс, 11-годишен авантурист, кој следејќи ги трагите, открива нов свет во друга димензија наречен Среден свет. Љубопитно, внесувајќи се во мистеријата тој се сретнува со револверашот Роланд, кој е на пат кон Темната кула што се наоѓа во Крајот на светот.

Двајцата сосема различни херои, во трката меѓу времето и просторот ќе се обидат да ги спасат своите светови од потполно уништување, а дали ќе успеат во тоа одговорот е во филмот.

„Темната кула“ ќе почне да се прикажува од 10 август во киното Синеплекс во Скопје.