Провајдерот на јавниот WiFi Purple се одлучи да го сврте вниманието на тоа колку луѓе генерално не водат сметка за читањето на условите за користење на разни сервиси и услуги, така што спровел експеримент во кој од корисниците се бараат луди работи.

Да бидеме искрени: Колку од нас навистина тоа го прават кога отвораат профили или се пријавуваат за било што?

Одговорот е „малку” или „речиси никој”, што покажа и неодамнешното истражување на компанијата Purple, која нудела бесплатно WiFi во замена за чистење на јавни тоалети, канализациски сливници и животински измет од улиците, стругање на мастики за џвакање, прегрнување на улични мачки и кучиња, фарбање на куќички за полжави, итн.

Многу луѓе кои се согласиле на 1.000 часа „општествено корисна работа”, всушност не ни знаеле на што се согласиле додека го чекирале полето „I agree”.

Во период од две недели, колку што траело истражувањето, само едно лице сфатило дека се работи за „измама”.

„Корисниците на WiFi треба да обрнат цело внимание кога пристапуваат на отворена мрежа. На што се согласуваат, колку лични податоци се подготвени да поделат и што се им овозможуваат на провајдерите? Нашиот експеримент покажа дека многу е лесно да се наведат луѓето да се согласат на нешто што не го сакаат” – рече Гавин Виндон извршен директор на компанијата Purple.

Компанијата за среќа соопшти дека никој нема да биде принуден да ги исполни условите за користење на бесплатниот интернет.